„Мојот маж“ меѓу 100те највпечатливи книги за 2022 во Франција
Збирката раскази „Мојот маж“ на македонската писателка, професорка и преведувачка Румена Бужаровска е на листата на 100 највпечатливи книги за 2022 во Франција, која ја објави француското книжевно списание „Лир“ (Lire).  Книгата на француски јазик излезе на 8 септемрви, во издание на прочуената издавачка куќа „Галимар“ од Париз. Ова е првпат дело од македонски автор да биде издадено од овој водечки француски издавач што постои 111 години. „Мојот маж“ на француски ја преведе Марија Бежановска.
„Мојот маж“ е четврта збирка на Бужаровска, а во Македонија во 2014 ја издаде „Или-или“. Досега е преведена на 13 јазици, а следат и преводите на шпански, португалски, бугарски, полски и грчки, а грчкиот издавач „Дарданос“ ќе објави 3 нејзини збирки.
„Мојот маж“ лани во март излезе и на германски во издание на „Зуркамп ферлаг“ и беше книга на неделата во Германија, според угледниот неделник „Шпигел“. Оваа книга се смета за најуспешно издание од сите регионални автори објавени на германски за територијата на Германија, Швајцарија и Австрија.
+
Силно верувам во сегашноста и во иднината, и во вредностите што сега ги градиме
Новите генерации автори ја оживеаја сцената и направија македонската јавност да чита и да бара дела од домашни автори, вели во интервјуто за МКД.мк и за respublica.edu.mk една од најпопуларните денешни македонски писателки, Румена Бужаровска, чии книги достигнуваат високи тиражи и во Хрватска и во Србија. Смета дека традиционално не се спроведуваат добри културни политики, дека лошо се раководи со националните културни институции и дека власта културата ја смета за третостепен ресор. „Затоа им се чудам и им се восхитувам на независните уметници како функционираат во оваа средина.“
Бужаровска е и книжевен преведувач и вонредна професорка по американска книжевност на англиската катедра на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2016 година беше избрана за еден од најинтересните писатели во Европа (Ten New Voices of Europe) во рамките на платформата Литературна Европа во живо (Literary Europe Live). Добитничка е на хрватската регионална награда за кратка проза „Едо Будиша“. Таа е една од организаторките и иницијаторките на ПичПрич – платформа за раскажување женски приказни. Нејзините раскази се преведени на англиски, хрватски, украински, српски и германски, а токму во Хрватска и Србија тиражите на нејзините книги постигнуваат невообичаени бројки дури и за овие простори. Токму за тие простори, за загубениот поранешен југословенски простор и вредности, зборуваме со Бужаровска, која имала само 10 години кога се распадна Југославија.
– Во рамките на самиот простор не се чувствувам многу ограничена. Ние сме релативно млада книжевна култура, што овозможува простор за отворање нови перспективи, експериментирање, поставување јазични, книжевни и културни вредности или пак стандарди. Ако живеете, на пример, во Велика Британија, која има толку богата книжевна и јазична традиција, вие не учествувате толку директно и активно во создавањето на културата, со оглед на тоа што пред вас имало илјадници писатели или филолози. Од тој аспект е прилично возбудливо да се работи во средина во која има неограничени можности за создавање и истражување.
+
Како општество потребни ни се уште „шамари“
„Популарноста е еден непријатен курцшлус за писател“ | Фото: БИРН
Румена Бужаровска е македонска писателка, авторка на раскази за која во моментов многу се зборува и се пишува надвор од Македонија и она што можеби е поважно – ја читаат и ја коментираат луѓе што се надвор од тие некои литературни кругови. Во Србија продала 6.000 примероци од збирката „Мојот маж“, а последната „Не одам никаде“, со месеци, е меѓу петте најпродавани наслови во една од белградските книжарници.
Двајца режисери од ексјугословенските простори, пак, сакаат да снимат филм според еден од новите раскази.
+
Пишував за безизлезноста како лично одредиште: Интервју со Румена Бужаровска
Со Румена разговаравме за опсесијата да се избега од Македонија, зависта и недостатокот на лична одговорност, како централни теми во нејзината нова збирка „Не одам никаде“. Ја искористивме можноста и да дознаеме повеќе за нејзиниот неодамнешен престој во САД, развојот на ПичПрич во 2018 и нормално, феминизмот. Разговорот го водеше Калиа Димитрова.
Неодамна излезе од печат твојата нова книга Не одам никаде во издание на Или Или. Реакциите на јавноста се одлични и многумина сметаат дека ова е твоето најуспешно дело досега, а фактот што за 18 дена се распродаде првиот тираж зборува сам по себе. Како се чувствуваш по изадавањето на твојата четврта збирка раскази?
Малку издишана, малку возбудена, малку исполнета, малку испразнета… во секој случај, чудно.
+