Не се сеќавам точно кога решив дека нема да ја вратам „Игра во ‘ржта“, ама се сеќавам дека тоа мајско попладне скроз на крај од четврта година средно, пред библиотекарката во моето школо ја одглумив монодрамата „стварно не можев да ја најдам книгата професорке, не знам каде сум ја изгубила“. Повторно ја разуверив дека е океј, не е проблем, ќе си ја платам, нема потреба да ми дава уште фора да ја најдам. Библиотекарката ми побара 200 денари, јас и ги дадов, и задоволна од добриот дил отидов да си купам сандали за матурска. Наредниот ден на мајка ми и кажав дека штиклите чинеа 200 денари повеќе отколку што уствари платив за нив.
Мојата фасцинација со The Catcher in the Rye почна кога прв пат ја прочитав на 16 години. Тоа беше некој чуден превод што ми беше смешен и фасцинантен: полн со „хибриди“ и „делии“. Тоа издание на „Игра во ‘ржта“ во превод на Саве Цветановски и со илустрација на корицата од Димитар Кондовски од 1966 е првото издание на македонски објавено 15 години откако е издадена за прв пат. Главниот јунак Холден Колфилд се појавил само неколку години откако тинејџерите биле препознаени како возрасна и културна категорија. Џ. Д. Селинџер на некој начин го напишал образецот и го дефинирал тинејџерот каков што го знаеме денес. Контроверзна, цензурирана, забранувана и омилена на многу генерации подоцна, книгата станува „библија“ на несфатениот тинејџер и дел од културното наследство на 20тиот век. The Catcher in the Rye и главниот јунак Холден Колфилд биле инспирација за безброј песни, филмови, книги и барем еден атентат.
Во овој број на КИРИЛИЧНА ПОДДРШКА имав среќа да разговарам со Румена Бужаровска, попозната како една од најчитаните и најпреведувани македонски авторки, помалку позната како една од најдобрите преведувачки од англиски кај нас, а најмалку позната како една од најфините луѓе со кои сум разменила мејлови. Нејзиниот превод на „Чуварoт во ‘ржта“ наскоро излегува од печат во издание на ТРИ.

Претежно преведувате современи автор(к)и: Џ. М. Куци, Труман Капоти, Фланери О’Конор, а сега и Џ. Д. Селинџер. Покрај тоа што е една од Вашите омилени книги, кои други причини ве мотивираа да се нафатите да го преведете Џ. Д. Селинџер и неговата The Catcher in the Rye?
Основната желба да го преведам ова дело е поврзана со тоа што навистина се работи за еден од моите омилени романи. Го предавам во прва година на факултет и не постои пат да го прочитам и да не ме трогне или насмее. Забележав и како перцепцијата за одредени работи во романот ми се отвора низ годините, како што обично се случува со добрите книги – секогаш наоѓаш нешто ново, нешто што покажува зошто тоа дело е безвременско. Мојата љубов кон ова дело ме поттикна уште одамна и да ги проверам сите постоечки преводи на романот, и искрено не бев задоволна од ниеден превод (а ги има пет). Мислам дека читателот не може да се соживее со романот на македонски како што може тоа да го направи на англиски. Првенствено тоа е зашто нараторот Холден Колфилд зборува на разговорен јазик типичен за еден тинејџер, па така тој често се повторува, претерано употребува одредени фрази, многу пцуе и е прилично неелоквентен. Па така, ако јазикот е пренесен несоодветно, на стандарден литературен јазик и без многу фантазија, волшепството на романот се губи. Сакав да му го доближам ова волшепство на македонскиот читател, па затоа се обидов на свој начин да го преведам романот.
И покрај тоа што „Чуварот во ’ржта“ е безвременска приказна која се занимава со универзални теми, сепак е книга објавена пред 75 години. Каков беше процесот на правење на Холден Колфилд релевантен и близок за тинејџерот што живее во 2026 година во Скопје?
Долго размислував каков глас да му дадам на Холден Колфилд, бидејќи сепак, тој не е од Скопје и не е тинејџер што живее во 2026 година. И во оригиналот, говорниот јазик на Холден е исто така илузија – во тоа се состои мајсторството на Селинџер. Доколку навистина транскрибирате говор, говорот не звучи така – полн е со паузи, со прекинувања, со повторувања, така што Селинџер добро знаел како да напише текст што ќе ве измами да мислите дека е говорен. Бидејќи сепак Холден е од Њујорк, решив да му дадам говор што ќе звучи скопски и современо, но внимавав тоа да не стане гротескно и да не одвлекува внимание од читањето. Ако се држите до реалноста, тинејџер од Скопје би зборувал со огромен број англизми или цели англиски фрази, за што не сме спремни во книжевноста во овој момент (можеби еден ден тоа ќе стане прифатливо). Па така, се обидов да го направам да звучи урбано за читателска публика од дваесетина до максимум педесетина години, и водев сметка да немам „бумерски“ фрази. Но и овој превод ќе застари, па затоа добро е да се преведува на секоја генерација или две.
Како професорка на факултет, како успеватe да го разбудите интересот кон читањето кај оваа генерација?
Исто како и очајот и досадата, и ентузијазмот е заразен. Отсекогаш сум предавала дела за кои сум имала голема љубов, па се надевам дека преку ентузијазмот успевам да ги „заразам“ моите студенти со делата и да ги инспирирам да читаат понатаму. Се трудам и да не им давам дела за кои не се подготвени, бидејќи за читање одредени книги исто така е потребна кондиција (на пример, не може во прва година да им го дадете Џојс). Забележав дека тоа се менува со генерациите. На овие генерации, 1950 година им е многу далечна. Тоа го сметаат за стара книжевност, а технички таа сѐ уште ја нарекуваме „современа“. Апсолутно тоа веќе не е современо за нив – современо е 21 век.
Со кој збор или фраза поминавте најмногу време за да го преведете? Кој е денешниот еквивалент на phonies?
Се помачив околу насловот, околу некои од пцовките и околу phonies. Не сите фрази што Холден ги употребува мора огледално да се одразуваат во македонскиот текст, оти нашиот природен говор е поинаков и не секогаш изискува повторување на одредена фраза. Но се држев сепак до принципот на повторување на некои конструкции и некои зборови. Пцовките морав да ги направам повулгарни, бидејќи „проклет“ или „пеколен“ не се пцовки во македонскиот јазик, а во Америка во 1950тите биле, поради што романот бил забрануван. Морав да најдам еквиваленти што ќе ги запрепастат конзервативните читатели. За насловот: ловец е несоодветно во однос на главната метафора на романот, па затоа се решив за чувар. Сепак, Холден сака да ги заштити и да ги спаси децата, а никако не да ги лови. Во голема мера романот е за траумата на Холден поради сексуално злоставување, па затоа тој сака да ги заштити децата и не сака да влезе во светот на возрасните, кои ги гледа како корумпирани, и секако, како phonies, што го преведов со варијации на зборот фејк – фејкерско, фејкерка, фејкерчиња.