
Македонската писателка, преведувачка и професорка, Румена Бужаровска, беше избрана како една од десетте добитнички на престижната награда „Жена на годината“ од американското модно списание „Харперс Базар“.
Според ова списание, Бужаровска, заедно со хрватската пејачка Јосипа Лисац, костимографката Бојана Никитовиќ, режисерката Катарина Богдановиќ Кукла и многу други значајни жени од регионот, ја обележале 2025 година со своите извонредни достигнувања.
Декемврискиот број на „Харперс Базар“ е целосно посветен на нивните приказни, а во него читателите можат да најдат и ексклузивно интервју со Бужаровска, реализирано од Маша Сенишиќ, придружувано со впечатливи фотографии на Невена Лукиќ.
Свечената гала-вечер и доделувањето на наградите се одржаа на 28 ноември во Центарот „Сава“ во Белград, создавајќи атмосфера исполнета со инспирација, стил и славење на женското лидерство.
Бужаровска е родена во 1981 година во Скопје и работи како професорка по американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Таа е една од основачките на иницијативата за раскажување женски приказни „ПичПрич“. Како авторка, таа има објавено четири збирки раскази: „Чкртки“ (Или-или, 2007), „Осмица“ (Блесок, 2010), „Мојот маж“ (Или-или, 2014) и „Не одам никаде“ (Или-или, 2018), како и кратка белешка со фикции, „Спиј“ (Темплум, 2017). Тaa е авторка на студијата за хумор во книжевноста „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“ (Блесок, 2012), романот „Тони“ и збирка есеи озаглавена „Господ, па Америка“.