18.10.2025
Годинава, македонски добитнички на признанието „Штефица Цвек“ се писателките Румена Бужаровска за „Тони“ и Билјана Црвенковска за „Приказни од ѕунливото море“ заедно со уште пет други автор(к)и од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора. По тој повод разговараме со Румена Бужаровска, но и за досегашниот фидбек од читателите и критиката на „Тони“, состојбата на домашната книжевна сцена, како и за младите книжевници и следните книжевни потфати на Бужаровска.
Андреј Медиќ Лазаревски: Една од добитничките си на признанието „Штефица Цвек“ за 2025 година заедно со уште неколкумина авторки и автори од регионот. Признанието е доделено за романот „Тони“, па за почеток би сакал да те прашам што лично тебе ти значи ова признание? Но, што значи и во однос на македонската книжевност, особено бидејќи признанието се доделува на неколкумина автор(к)и од регионот, а дополнително наградата е и насочена кон вреднување на феминистички или квир дела и дела што отстапуваат од канонот, генералниот книжевен терк и сл.?
Румана Бужаровска: Посебно ми е мило што сум дел од изборот на „Штефица Цвек“ бидејќи оваа иницијатива ја гледам како една од позначајните во регионот. Прво, треба да имаме предвид дека нема многу награди или признанија што се меѓународни, или во овој случај регионални. Со оглед на тоа што пишуваме на јазик што по број на говорители може да се означи како „мал“, сведени сме на домашните и локалните признанија, за разлика од другите земји во поранешна Југославија кои делат заеднички јазик, па затоа имаат и повеќе заеднички признанија. Од тој аспект „Штефица Цвек“ е прва иницијатива што во својот избор го вклучи и македонскиот јазик. Уште еден прогресивен аспект на овој избор е што тој е неконвенционален и дава признанија на дела што отскокнуваат од главнотековното, па од тој аспект ми е многу битно што „Тони“ се најде во таквиот избор. Бунтовните читателки, кои го организираат овој избор, се помлада генерација на книжевнички и книжевници кои ми даваат надеж во ова време на глобалниот подем на фашизмот, оти ја негуваат и промовираат културата на заедништвото, на славење на различностите и на бунтот против угнетувањето, што сметам дека се воедно и основните принципи за опстојувањето на секое квалитетно книжевно дело. Конечно, гледаме дека македонските автори се процентуално дури и поприсутни од авторите на другите земји, што е доказ дека имаме квалитетна, различна и бунтовна книжевност.
+