03.12.2024
Дојде познатиот дел од песната на Дорс, солото на клавијатури. „Ту Реј Манзарек“, рече важно Тони, повторно ја крена чашката и ја допи на екс. Го обзеде чувство на волшепство, како кога беше млад и одеше на одмор на море, и кога ќе се погледнеше со некоја убава девојка во ноќта додека свиреше на гитара. Ги затвори очите, длабоко вдиша, ги испрчи градите нанапред и помина со прстите низ косата. Кога ги отвори повторно очите, виде две сенки, една повисока и една пониска, како се приближуваат кон него. Не ми се верува, си рече. Не ми се верува кој ми дојде во скут, си рече гледајќи ги девојките од плажата. Двете беа облечени во црни фустанчиња и носеа џиш црвени кармини.
„Калиспера, копелес!“, рече кривоокиот, а слабичкиот за малку ќе паднеше од столчето од што се обиде брзо да стане. „Ористе!“, викна покажувајќи кон своето столче.„Калиспера“, одговорија девојките стоејќи меѓу двете маси, одмерувајќи каде би седнале. Тони сфати дека Грците ќе му ги земат девојките, ако не реагира брзо.„Хир из фри ту“, рече и покажа кон двете празни столчиња на неговата маса. „Кај сакаш да седиме?“, повисоката ја праша пониската на македонски.„Нормално дека треба да седите со наши луѓе“, ја искористи приликата Тони да ги намами да му се придружат, ја префрли косата на другата страна од челото и се насмевна, но брзо го пресече мислата дека можеби забите му се откачиле, па ја затвори устата, помина со јазикот по горната вилица и се опушти кога се осигури дека сѐ си стои на место.
„Па добро тогаш“, рече помалата. Другата кимна, па двете се приближија кон неговата маса. Повисоката лесно се смести на високото столче, но помалечката се фати за пластичната маса обидувајќи се да си помогне да се качи и за малку ќе ја превртеше. „Превисоко ми е“, рече смеејќи се, но Тони веќе стоеше до неа со подадена рака.„Дозволи ми да ти помогнам“, ѝ рече фаќајќи ја за дланката. Кога девојката се качи на столчето, тој малку и како да се поклони. „Ти благодарам“, побрза да каже пред таа да има можност да му се заблагодари. Таа финта ја имаше научено од татко му, Андон, кој велеше дека господин човек треба да се заблагодарува на дама за приликата да ѝ отвори врата или да ѝ запали цигара. Исто така, татко му го беше подучил дека таа финта „пали кај пичиња“.
+