13.04.2026
Не се сеќавам точно кога решив дека нема да ја вратам „Игра во ‘ржта“, ама се сеќавам дека тоа мајско попладне скроз на крај од четврта година средно, пред библиотекарката во моето школо ја одглумив монодрамата „стварно не можев да ја најдам книгата професорке, не знам каде сум ја изгубила“. Повторно ја разуверив дека е океј, не е проблем, ќе си ја платам, нема потреба да ми дава уште фора да ја најдам. Библиотекарката ми побара 200 денари, јас и ги дадов, и задоволна од добриот дил отидов да си купам сандали за матурска. Наредниот ден на мајка ми и кажав дека штиклите чинеа 200 денари повеќе отколку што уствари платив за нив.
Мојата фасцинација со The Catcher in the Rye почна кога прв пат ја прочитав на 16 години. Тоа беше некој чуден превод што ми беше смешен и фасцинантен: полн со „хибриди“ и „делии“. Тоа издание на „Игра во ‘ржта“ во превод на Саве Цветановски и со илустрација на корицата од Димитар Кондовски од 1966 е првото издание на македонски објавено 15 години откако е издадена за прв пат. Главниот јунак Холден Колфилд се појавил само неколку години откако тинејџерите биле препознаени како возрасна и културна категорија. Џ. Д. Селинџер на некој начин го напишал образецот и го дефинирал тинејџерот каков што го знаеме денес. Контроверзна, цензурирана, забранувана и омилена на многу генерации подоцна, книгата станува „библија“ на несфатениот тинејџер и дел од културното наследство на 20тиот век. The Catcher in the Rye и главниот јунак Холден Колфилд биле инспирација за безброј песни, филмови, книги и барем еден атентат.Во овој број на КИРИЛИЧНА ПОДДРШКА имав среќа да разговарам со Румена Бужаровска, попозната како една од најчитаните и најпреведувани македонски авторки, помалку позната како една од најдобрите преведувачки од англиски кај нас, а најмалку позната како една од најфините луѓе со кои сум разменила мејлови. Нејзиниот превод на „Чуварoт во ‘ржта“ наскоро излегува од печат во издание на ТРИ.
Претежно преведувате современи автор(к)и: Џ. М. Куци, Труман Капоти, Фланери О’Конор, а сега и Џ. Д. Селинџер. Покрај тоа што е една од Вашите омилени книги, кои други причини ве мотивираа да се нафатите да го преведете Џ. Д. Селинџер и неговата The Catcher in the Rye?
+