Je Suis Toni, Борис Постников
Румена Бужаровска по многу работи одудара од локалните книжевни струи, нејзиниот сензибилитет е изграден главно врз наративната економија на англоамериканските автори, а сепак е – нема дилеми – наша. Еве ви ги сите нејзини наслови преведени на хрватски (добро, освен дебитантскиот Чкртки), еве ви ја претставата Мојот маж во Загрепскиот младински театар, всушност, еве ви ја и самата Румена која често гостува на хрватските фестивали. Така и романот Тони е објавен кај нас многу брзо по македонскиот оригинал, а јас побрзав да го прочитам. Инаку, кај Бужаровска постојано ме воодушевува авторското растење од книга во книга: секоја нова збирка раскази ѝ е за неколку нијанси позрела и попромислена од претходната. Ако ги читате хронолошки, едноставно гледате дека тие текстови ги пишува некој кој темелно работи на својот авторски глас. Меѓутоа Тониѝ е прв роман. И токму затоа го отворив со читачка трема. Како Румена ќе се снајде во новиот жанр? И тоа во „вистинскиот“, „сериозниот“, зашто знаеме каква е специфичната тежина на романот денес кај нас: лесно е да се напише кратка приказна или есејче, но ајде да те видиме на 200 и нешто страници…
Океј, да не ве заморувам повеќе, ние што сме виделе можеме да потврдиме: Бужаровска повторно се надмина себе. Тони забавува, растажува и збунува на сосем неочекувани начини. Од една страна, ова е очигледно сатира, а насловниот лик, остарен скопски мачо рокер, карикатура на две нозе: типичен саможив балкански маж од генерацијата која моментално дебелее и ќелавее, но уште носи старки. Еготрипер и мамин син, локален Петар Пан крај кој ниедна Венди не може да дојде до збор, горд на својот фантастичен музички вкус избрусен во доцните седумдесетти, постојано одушевен од сопствената интелигенција. Знаете за кој се работи, познавате повеќе такви ликови. А од друга страна, во Тони нема ништо карикатурално: сите тие реченици веќе сме ги чуле, сме запознале такви ликови. Па уште на третата страница – ако ја имате таа бескрајна среќа да го читате романот како маж – порано или подоцна ќе се сопнете на некоја Тониева изјава или на гест кој несомнено ви припаѓа вам. Па малку ќе се насмеете, малку ќе се засрамите, можеби дури и ќе се налутите. Па што му фали на џејмисон? Зар не е добро виски? И кога пред некој ден на уредничкиот состанок на Критика-ХДП неколкупати ѝ влетав во збор на Ана – сè додека не ме предупреди – зар тоа не беше само поради мојата страст за книжевните прашања? И зар не е општопознато дека Берлинска трилогија е најдоброто од Боуви? Правда за Тони!
А ако ја имате таа несреќа да го читате романот како читателка, веројатно ви преостанува само да уживате во тоа како Бужаровска балансира меѓу карикатурата која е стварна и стварноста која е карикатурална, меѓу сатирата и реалноста, меѓу сожалувањето и гадењето што Тони ги предизвикува, а притоа и понатаму останува смешен…
+
Meduza Talks: Оптимизам, очај и одговорност со Румена Бужаровска
Meduza Talks: Оптимизам, очај и одговорност со Румена Бужаровска (разговор со Калиа Димитрова, август 2025)
Третата сезона ја отвораме со Румена Бужаровска, нашата и ваша омилена пистелка и книжевничка, која во најмала рака го редефинираше значењето на зборовите „мојот маж“. Непосредно по издавањето на нејзиниот роман „Тони“, со Румена разговараме за културата на итност и како таа влијае на пишувањето, гаење на чувства на оптимизам и резилиентност среде растечка глобална безнадежност, медиумската изложеност, книжевноста како терапија и еден сомнителен уметнички одбор. Уживајте!
Продукција: Платформа Медуза со поддршка на Heinrich-Böll-Stiftung e.V.
Авторка: Калиа Димитрова
+
Сакам да го критикувам општеството и мразам сентименталност
Францускиот дневен весник „Либерасион“ во своето викенд-издание посветено на литературата има посебен осврт за најновата книга на Румена Бужаровска што е објавена на француски јазик – „Не одам никаде“. Збирката раскази е во издание на една од најугледните француски издавачки куќи „Галимар“, во превод на Марија Бежановска.
– Жена или маж, ниту еден лик од расказите на Румена Бужаровска не бега од целосното разоткривање на неговите мани и предрасуди. Љубомора, кукавичлак, ароганција… Палавото перо на 44-годишната македонска авторка воодушевува во ситничарството на душите обликувани од општествените стеги – го започнува својот осврт новинарот и литературен критичар Луи Сејер.Во трето или прво лице, жените со четириесет и нешто години од средната класа, кои најмногу се изразуваат во нејзините книги, ги гледаат своите емоции изложени без филтер, горко исмеани, но со одредена добрина.– Сакам да го критикувам општеството и мразам сентименталност. Хуморот ми дозволува да ја убијам оваа сентименталност, а исто така е најдобар начин да укажам на нечија ригидност, сексизам или расизам – вели Бужаровска за „Либерасион“.Разочарани, Весна, Софија или Светлана се сомневаат и се исцрпуваат обидувајќи се да ги исполнат своите улоги како мајка, сопруга или сама жена. Тие се исто толку неспособни како и мажите околу нив да го надминат современиот конформизам и да комуницираат со другите.– Тоа е една од работите што сакам да ги направам: да ги хуманизирам жените и нивните мани, а не да ги осудувам повеќе или помалку грубо од мажите – додава таа.Според новинарот на „Либерасион“, овој стремеж не е изненадувачки на Балканот.Иако денес е една од најистакнатите писатели во регионот, преведена на повеќе од десетина јазици, Румена првенствено се поврзува со каузата на жената. Од нејзиното откривање како студентка, оваа преведувачка и професорка по американска литература на Универзитетот во Скопје повеќе од дваесет години ги осудува лагите на традиционалното семејство. Таа има статус на феминистичка писателка и тврди дека нејзиниот активизам е роден од длабокото чувство на неправда.– Од почетокот на пубертетот сфатив дека ме третираат поинаку од мојот брат. Не можев да излезам како него бидејќи ме гледаа како потенцијална мајка, со ризик да го „уништам угледот на фамилијата“. Тоа ме направи длабоко огорчена. Моето пишување и мојот активизам потекнуваат од ова чувство – се доверува таа со великодушна едноставност.Во балканските општества „кои сè уште ја немаат направено својата сексуална револуција“ и каде што жените долго се исклучени од јавната дебата, Румена Бужаровска го поздравува доаѓањето на бранот #MeToo и концептите што резонираат со „Мојот маж“, нејзината прва збирка преведена на француски во 2022 година. Секогаш со нејзиниот разорно каустичен стил, Бужаровска се запрашува за поимот искоренување, толку присутен во земја обележана со емиграција. Додека многу автори од Југоисточна Европа ја отфрлаат етикетата „Балкан“, Бужаровска ја брани. Таа претпочита да го исмева овој „комплекс на инфериорност кон Западот“, како во последниот расказ „8 Март“ и неговото речиси жестоко финале околу сопругата на американскиот амбасадор. Според неа, Балканот е за самоомраза и таа го презира тој комплекс на инфериорност. Одмаздничките национализми поттикнати од популистите во регионот ја згрозуваат. Од Сараево до Атина, оваа внука на комунистички активист прогонет по страшната грчка граѓанска војна се обидува да го осуди локалниот расизам, како што е „албанофобијата“ што го јаде македонското општество (Албанците претставуваат околу 30 проценти од населението, забелешка на „Либерасион“). Како и сите Македонци, и Румена Бужаровска е трауматизирана од неодамнешниот пожар во ноќниот клуб во Кочани. Но оваа вечна бунтовничка, блиска до нејзините студенти, се надева дека генерацијата зед, „многу подобра од нашата“, ќе продолжи да демонстрира против убиствената корупција. И дека ќе престане да бара подобар живот на друго место.– Нивните родители им ставија во глава дека мора да заминат и дека Западот е целиот млеко и мед, но таму секогаш ќе има сиромашни имигранти. Можеби ќе сфатат дека останувањето во Македонија може да биде одлично и дека понекогаш е подобро да инвестираш таму каде што живееш наместо да заминеш – нагласува Бужаревска за париски „Либерасион“.
Тони Гламчевски
+
Румена Бужаровска е најчитана авторка за 2024 година во „Три“
https://www.radiomof.mk/rumena-buzharovska-e-najchitana-avtorka-za-2024-godina-vo-tri/
На синоќешната средба меѓу писателите и читателите во книжарницата „Три“ во Градски трговски центар, посветена на второто издание на романот „Тони“, македонската современа писателка Румена Бужаровска се здоби со Признание за најчитана авторка во 2024 година во „Три“.
„Со книгите ‘Чкртки’, ‘Осмица’, ‘Не одам никаде’, ‘Мојот маж’, ‘Господ, па Америка’ и ‘Тони’, Румена е најчитаната авторка во Издавачки центар ‘Три’, со продадени над 4 000 примероци во текот на изминатата година“, информираат од издавачкиот центар.
+
Интервју со писателката Румена Бужаровска за нејзиниот прв роман со наслов „Тони“: Карикатурален приказ на современата машкост
По објавата на четири одлични збирки раскази, писателката Румена Бужаровска одлучи да напише роман и, судејќи според еуфоријата меѓу публиката на промоцијата, неговиот книжевен успех веќе е загарантиран.
Откако ја зеде во своето јато, издавачкиот центар „Три“ прво ги реобјави претходните збирки раскази на писателката Румена Бужаровска, потоа следуваше објавата на есеистичката книга „Господ, па Америка“, а на 4 декември во „Јавна соба“ беше промовиран и првиот роман на Бужаровска со наслов „Тони“.
Излегувањето на романот беше проследено со бомбастична најава дека тоа е книга која ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие. Промоцијата беше проследена од многубројни читатели на делата на Бужаровска, а се одвиваше низ разговор што со авторката го водеа поетесата, основачка и главна уредничка на „Медуза“, Калиа Димитрова, и македонскиот писател Петар Андоновски.
+
Прочитај извадок – „Тони“, прв роман од Румена Бужаровска
Дојде познатиот дел од песната на Дорс, солото на клавијатури. „Ту Реј Манзарек“, рече важно Тони, повторно ја крена чашката и ја допи на екс. Го обзеде чувство на волшепство, како кога беше млад и одеше на одмор на море, и кога ќе се погледнеше со некоја убава девојка во ноќта додека свиреше на гитара. Ги затвори очите, длабоко вдиша, ги испрчи градите нанапред и помина со прстите низ косата. Кога ги отвори повторно очите, виде две сенки, една повисока и една пониска, како се приближуваат кон него. Не ми се верува, си рече. Не ми се верува кој ми дојде во скут, си рече гледајќи ги девојките од плажата. Двете беа облечени во црни фустанчиња и носеа џиш црвени кармини.
„Калиспера, копелес!“, рече кривоокиот, а слабичкиот за малку ќе паднеше од столчето од што се обиде брзо да стане. „Ористе!“, викна покажувајќи кон своето столче.„Калиспера“, одговорија девојките стоејќи меѓу двете маси, одмерувајќи каде би седнале. Тони сфати дека Грците ќе му ги земат девојките, ако не реагира брзо.„Хир из фри ту“, рече и покажа кон двете празни столчиња на неговата маса. „Кај сакаш да седиме?“, повисоката ја праша пониската на македонски.„Нормално дека треба да седите со наши луѓе“, ја искористи приликата Тони да ги намами да му се придружат, ја префрли косата на другата страна од челото и се насмевна, но брзо го пресече мислата дека можеби забите му се откачиле, па ја затвори устата, помина со јазикот по горната вилица и се опушти кога се осигури дека сѐ си стои на место.
„Па добро тогаш“, рече помалата. Другата кимна, па двете се приближија кон неговата маса. Повисоката лесно се смести на високото столче, но помалечката се фати за пластичната маса обидувајќи се да си помогне да се качи и за малку ќе ја превртеше. „Превисоко ми е“, рече смеејќи се, но Тони веќе стоеше до неа со подадена рака.„Дозволи ми да ти помогнам“, ѝ рече фаќајќи ја за дланката. Кога девојката се качи на столчето, тој малку и како да се поклони. „Ти благодарам“, побрза да каже пред таа да има можност да му се заблагодари. Таа финта ја имаше научено од татко му, Андон, кој велеше дека господин човек треба да се заблагодарува на дама за приликата да ѝ отвори врата или да ѝ запали цигара. Исто така, татко му го беше подучил дека таа финта „пали кај пичиња“.
+
„Господ, па Америка“ – Румена Бужаровска
Есеите на Бужаровска се истовремено ем лични ем политични, а и одлична патописна проза.
Ги заследив есеите на Румена Бужаровска уште кога почнаа да излегуваат на српскиот портал Велике приче. После неколку прочитани есеи, си помислив дека се брилијантен материјал за нејзина нова книга, па кога излезе „Господ, па Америка“ (Издавачки центар Три, 2024), секако дека се израдував што овие големи приказни ќе ги имаме и на хартија.
Есеите на Румена се истовремено ем лични ем политични, а и одлична патописна проза. Авторката ѝ дава нова тежина на овој тип проза, барем во рамките на домашната книжевност. Ги шири личниот есеј и патописот како жанрови додека нè води на фамозно патување низ неколку сојузни земји на САД. Од Аризона до Флорида, плус една не баш лагодна прошетка до Џорџија каде Бужаровска користи ретка прилика да ја посети фармата кадешто некогаш живеела и пишувала маестралната Фланери О’Конор. Расказите на Фланери на македонски ги имаме токму во превод на Румена. За приказната да се заокружи уште поубаво, посетата на фармата (инаку можниот книжевен топос во неколку раскази на О’Конор) се случува токму на роденденот на Фланери О’Конор.
+