Силно верувам во сегашноста и во иднината, и во вредностите што сега ги градиме

Новите генерации автори ја оживеаја сцената и направија македонската јавност да чита и да бара дела од домашни автори, вели во интервјуто за МКД.мк и за respublica.edu.mk една од најпопуларните денешни македонски писателки, Румена Бужаровска, чии книги достигнуваат високи тиражи и во Хрватска и во Србија. Смета дека традиционално не се спроведуваат добри културни политики, дека лошо се раководи со националните културни институции и дека власта културата ја смета за третостепен ресор. „Затоа им се чудам и им се восхитувам на независните уметници како функционираат во оваа средина.“

Бужаровска е и книжевен преведувач и вонредна професорка по американска книжевност на англиската катедра на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2016 година беше избрана за еден од најинтересните писатели во Европа (Ten New Voices of Europe) во рамките на платформата Литературна Европа во живо (Literary Europe Live). Добитничка е на хрватската регионална награда за кратка проза „Едо Будиша“. Таа е една од организаторките и иницијаторките на ПичПрич – платформа за раскажување женски приказни. Нејзините раскази се преведени на англиски, хрватски, украински, српски и германски, а токму во Хрватска и Србија тиражите на нејзините книги постигнуваат невообичаени бројки дури и за овие простори. Токму за тие простори, за загубениот поранешен југословенски простор и вредности, зборуваме со Бужаровска, која имала само 10 години кога се распадна Југославија.

Како ретко кој македонски уметник сте присутна и на бившојугословенските простори. И со преводи и со поставка на театарските сцени на Вашите дела. Колку овој наш, македонски културен простор Ве ограничува, и како се освојуваат тие нови простори?

– Во рамките на самиот простор не се чувствувам многу ограничена. Ние сме релативно млада книжевна култура, што овозможува простор за отворање нови перспективи, експериментирање, поставување јазични, книжевни и културни вредности или пак стандарди. Ако живеете, на пример, во Велика Британија, која има толку богата книжевна и јазична традиција, вие не учествувате толку директно и активно во создавањето на културата, со оглед на тоа што пред вас имало илјадници писатели или филолози. Од тој аспект е прилично возбудливо да се работи во средина во која има неограничени можности за создавање и истражување.

Но од друга страна, ограничувања има од едноставна причина што земјата е мала и македонскиот не го зборуваат многу луѓе. Исто така, Македонија не им звучи егзотично или интересно на странските издавачи, па ги интересира да објават авторка на раскази од Македонија колку што кај нас ги интересира издавачите да објават поетеса од Естонија. Преводот секогаш претставува пречка – финансиска од една страна, од друга и техничка, оти не многу луѓе го зборуваат јазикот и умеат да преведуваат од македонски. Па така, новите простори се освојуваат тешко. Југословенските – малку полесно, зашто јазикот им е близок, како и културата, а нѐ обединува и заедничка историја, па и чувство на носталгија.

Што е заедничко на овие бившојугословенски простори во смисла на вредности, стандарди, присутност на културата во секојдневниот живот…?

– Главно имаме слични проблеми. Закоравен патријархален систем, корупција, насилство, нетрпеливост кон други народи и вери, алкохолизам, неквалитетен живот, низок стандард… Секако, нѐ обединува и заедничката историја, која играла улога во создавањето на овие проблеми. Културата во секојдневниот живот зависи и од културната политика на државата. Главно секаде е повеќе или помалку запоставена. Не познавам многу писатели што можат нормално да живеат само од пишување, на пример. Да, еве во Белград многу се чита, театарот е на повисоко ниво, но тоа е само во Белград, а и преведувачите на тие книги што се читаат се ниско платени.

Таа заедничка културна сцена во бивша Југославија беше многу развиена, влијателна, силна… Не сте ја доживеале, ама верувам дека ја дознавте. Каде се изгуби таа сила? Што ни се случи, па сите тие вредности некако да ги загубиме и нешто друго да дојде на сцената, кое најблаго речено може да се квалификува како кич и невкус?

– Не ја доживеав културната сцена во Југославија бидејќи имав 10 години кога се распадна државата. Дури во последните години ја запознавам преку моите колеги од тие простори. Интересно е што се јавува нова постјугословенска сцена, која исто така е многу силна, но не може да се наметне подеднакво како поранешната, со оглед на тоа што сега сме повеќе мали држави, па постојат реални политички бариери и граници. Кога имате една територија, полесно се движите и полесно се идентификувате. Вака, сите имаме мали расцепкани идентитети, а од друга страна сите ѝ припаѓаме на една иста сцена и тоа многу добро се гледа и по тоа дека сите се дружиме и соработуваме меѓусебно.

Не мислам дека вредностите на сцената може да се квалификуваат како кич и невкус. Тука ја мешаме културната со естрадната сцена. Патем, и за кичот има место во една култура, како што има и за поезијата, или за џезот, или за класичната музика. Само што прашање е дали постојат механизми да се промовира културата, и дали, да речеме, државата им помага на уметниците или на културните работници.

Порано мoжеби државата немаше механизми, ама некако се знаеше кому каде му е местото. Кичот едноставно немаше пристап до, на пример националните телевизии, јавните сервиси, што не е случај денес. Очигледно денес ни се потребни тие државни механизми. Какви?

– Искрено не знам како изгледало тоа порано… Сепак мислам дека не е толку прашање до тоа дали ќе има кич по телевизии или не, туку дали ќе има и друга содржина, т.е. колку и дали воопшто е вреднувана или присутна културата. Мислам дека традиционално не се спроведуваат добри културни политики, дека лошо се раководи со националните културни институции и дека власта културата ја смета за третостепен ресор. Затоа им се чудам и им се восхитувам на независните уметници како функционираат во оваа средина.

Што се случува на македонската културна сцена? Има ли некакви поместувања, некои нови генерации што можат да нѐ донесат барем на ниво на вредностите што ги имавме, а да не зборуваме за нешто понапред, нешто ново, освојување некои нови простори…?

– Не знам дали се сеќавате, но порано воопшто не беше популарно да се читаат македонски автори. Тие се читаa во затворени кругови, а и домашната книжевност што ни ја пласираа во училиште преку лектирите тешко комуницираше со нас – во неа имаше многу страдање и мачење, а малку радост и малку хумор, речиси воопшто.

Новите генерации автори ја оживеаја сцената и направија македонската јавност да чита и да бара дела од домашни автори. Секако дека има поместување на границите и освојување нови простори – новата книжевност пластично ја опишува нашата реалност, со што е архив на нашето време, но тоа го прави критички и смело.

Еве, пред некое време излезе првиот македонски квир-роман. На книжевната сцена доминираат авторки. Истото се случува и во филмот, па и во театарот има поместување. Искрено, не верувам дека порано било подобро. Можеби порано помалку сме знаеле, па така ни се чинело. Или пак сме биле помлади, па младоста сме ја асоцирале со вредност и добросостојба.

Ако ги преброите продадените билети за концерти, изложби, филмови и театарски претстави во Македонија, продадени книги… што може да заклучите за тоа каде одиме?

– За жал, не можам да ги пребројам, а навистина би сакала некој тоа да го направи. Искрено ме интересира колку тоа се чита, не се чита или се оди или не се оди по концерти и театри, посебно во споредба со другите соседни држави, но земајќи ја и предвид финансиската состојба на просечниот граѓанин. Не смееме да заборавиме дека за повеќето, културата е луксуз. Кога немаш можност да платиш сметки, секако нема да купиш книга, или да одиш на концерт.

Како да го вратиме она што значи вистинска вредност, не само во културата, туку и во смисла на етика, морал, достоинство, чест…?

– Јас не верувам дека сме ги изгубиле вистинските вредности, ниту пак мислам дека порано вредностите биле вистински. Силно верувам во сегашноста и во иднината, и во вредностите што сега ги градиме. Вредностите, во минатото, на пример, биле авторитарни и исклучиви. Целата наша културна сцена се состоела само од мажи, етнички Македонци, кои зборуваат за своите искуства.

Тие ‘вредности’ потоа се пренесуваат во општеството и културата, па нормално е во 21 век една голема партија што наводно се залага за вредностите што пропагираат еднаквост меѓу мажите и жените, на локални избори да излезе со неодамна објавени 16 мажи кандидати за градоначалници, и ниту една жена. Системот со вредности во минатото, и тој во кој и јас сум растена, е систем на авторитарност и насилство од страна на помоќниот и привилегираниот. За мене, феминизмот претставува начин во кој преку соработка, разбирање и доверба, овој магичен круг на моќ ќе се скрши, и за сите нас ќе дојдат подобри времиња.

Новинар: Александар Дамовски Фото: Роберт Атанасовски

Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студиикако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

https://respublica.edu.mk/intervju/rumena-buzarovska-silno-veruvam-vo-segasnosta-i-vo-idninata-i-vo-vrednostite-sto-sega-gi-gradime/

Како општество потребни ни се уште „шамари“

„Популарноста е еден непријатен курцшлус за писател“ | Фото: БИРН

Румена Бужаровска е македонска писателка, авторка на раскази за која во моментов многу се зборува и се пишува надвор од Македонија и она што можеби е поважно – ја читаат и ја коментираат луѓе што се надвор од тие некои литературни кругови. Во Србија продала 6.000 примероци од збирката „Мојот маж“, а последната „Не одам никаде“, со месеци, е меѓу петте најпродавани наслови во една од белградските книжарници.

Двајца режисери од ексјугословенските простори, пак, сакаат да снимат филм според еден од новите раскази.

Двајца режисери од ексјугословенските простори сакаат да снимат филм според еден расказ од  збирката „Не одам никаде“

Се договоривме да се сретнеме во едно од скопските кафулиња откако таа ќе ги заврши часовите на Филолошкиот факултет, каде што предава Американска книжевност и Преведување од англиски. Малку задоцни, ама се појави со торба книги и сликовници, кои само што ги купила.

„Убаво е, фино е кога ќе видиш дека те читаат и згора на сѐ те сфаќаат сериозно, ама истовремено е чудно, шокантно.“

Убедена е дека во описот и пописот на нејзината работа како писателка нема место за популарност, иако читателите, посебно оние од Србија и од Хрватска, помалку и ја доживуваат – не како ѕвезда, ама, ете, како позната личност.

„Тоа еден непријатен курцшлус за писател“, вели Бужаровска, иако не сака да остави впечаток дека се жали.

На читателите им е здодеано од „машки“ приказни

Нејзините раскази зборуваат за проблемите на обичните луѓе во склоп на семејствата, за интимните драми што често се премолчуваат и кои на извесен начин се предизвикани од посттранзициското општеството.

Таа смета дека нејзиниот успех надвор се должи на тоа што читателите се препознаваат во овие приказни, затоа што сме поминувале низ повеќе или помалку слични процеси по распадот на Југославија.

„Ама од друга страна, ме доживуваат малку егзотично, оти, сепак, доаѓам од друга култура и пишувам на јазик што не го познаваат целосно.“

Смета дека е читана на Балканот и затоа што во прв ред Србите и Хрватите не се чувствуваат нападнати од нејзините приказни, во расказите не зборува за големите теми, како што е национализмот, на пример.

„А, тие меѓу себе ги имаат таквите наративи и се чувствителни кон тоа.“

„Пишувам за луѓе кои буквално од небо паднале во своите професии поради некои општествени околности. Којзнае како професорката од мојот расказ се нашла на факултет, којзнае како Катица Јанева се нашла таму каде што се нашла“

Иако не беше најсреќна што ја искористи токму таа фраза, ама „тајната на својот успех“ ја гледа и во уште еден аспект. Вели читањето е домен на жените, сите статистики го покажувале тоа, и затоа многу природно било писателите да се сѐ повеќе жени.

„На таквата читателска публика ѝ е здодеано од машките наративи и тоа е една свежина што влегува во поранешните југословенски простори.“

Збирката „Мојот маж“ е преведена уште во Италија и во Унгарија и сега треба да излезе во Америка, Англија и во Северна Ирска. 

„Ама таму јас не очекувам некој успех.“

Задоволна е што и во Македонија е читана. Не мисли дека дома сега треба некако посебно да ѝ се потресуваме и да ја цениме само зашто била популарна надвор.

„Како што обично знаат Македонците да си зборуваат! Едноставно, супер е што и овде сум читана.“

Нема некој ќар од продажбата на книгите, вели тоа се малку пари и така било секаде.

„Заработката доаѓа полека и кога ќе ти дојде хонорарот тоа е како кога ќе си најдеш 1.000 денари в џеб.“

Смешно-тажно

Ми се допаѓа поврзаноста меѓу хуморот и трагедијата | Фото: БИРН

Нашата соговорничка има чувство дека општеството ја врамило. Таа е феминистка, меѓутоа ѝ пречи сѐ што прави и сѐ што зборува да се гледа само од таа перспектива.

Сепак, оние што барем чуле за неа или ѝ виделе фејсбук-пост, расказите ѝ ги читаат и преку феминистичка призма. Затоа неизбежно беше да зборуваме за жените во нејзините раскази, кои често ги слика како прилично гротескни ликови.

Ликот од расказот „8-ми Март“ е жена што залутала во професијата и која тотално се посрамотува на еден настан во американската амбасада. Жената од приказната  „Чероки црвена“ е понизна пред сопругот, кој, пак, е оригинален балкански шовинист со сите нишани. Сопругата од расказот „Прељуба“ се понижува и влегува во багажникот на автомобилот, во кој водат љубов нејзиниот маж и љубовницата.

„Многу сакам гротеска, во принцип многу ми се допаѓа поврзаноста меѓу хуморот и трагедијата. Сакам кога е смешно-тажно.“

Таа се сложува дека има одреден презир кон жените за кои пишува, но вели дека е поважно тоа што има и емпатија. Критиката не ѝ е насочена кон жената за која раскажува, туку кон процесите околу неа.

„Се обидувам емпатијата на читателот да ја насочам кон жените што живеат во рамките на едно грозно, патријархално и шовинистичко општество. Jас морам да ја раскажам приказната на жената за читателот да сфати зошто таа е таква каква што е.“

„Се обидувам емпатијата на читателот да ја насочам кон жените што живеат во рамките на едно грозно, патријархално и шовинистичко општество. Jас морам да ја раскажам приказната на жената за читателот да сфати зошто таа е таква каква што е.“

Во ликот и во однесувањето на професорката од расказот „8-ми Март“ може да се насетат карактерните црти и на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. На Бужаровска ѝ се допаѓа ваквата паралела, иако инспирацијата не ѝ дошла од бившата шефица на СЈО, туку од академската заедница. 

„Пишувам за луѓе кои буквално од небо паднале во своите професии поради некои општествени околности. Којзнае како професорката од мојот расказ се нашла на факултет, којзнае како Катица се нашла таму каде што се нашла. Многу луѓе во нашето општество си се имаат најдено некаде, добиле некакви улоги и си ги играат, а нема везе тоа што го прават.“

Бужаровска беше учесник во Шарената револуција и често така ја претставуваат и во странство. 

Денес таа е изненадена од улогата на Јанева во случајот „Рекет“ и се сложува дека јавноста до некаде можела да насети оти таа е токму таква – падната од небо во својата професија.

„Кога на почетокот почнаа да ја критикуваат за чипката што ја носeше и за слични некои работи, сакав да верувам дека јас имам предрасуди и дека едноставно не е тоа така како што мене ми се чини.“

Падот на Катица Јанева за неа е фасцинантно екстремен и поради тоа погоден за расказ.

„Тоа што се слизнала да се шитне на таков начин ми е неверојатно.“

Општествените потреси будат

Румена Бужаровска е убедена дека државава ќе се оправи зашто, како што вели, инаку не би живеела тука. Неславниот крај на СЈО го карактеризира како дел од еден, сепак, нормален процес.

„Можеби треба да ни се случи уште поголем потрес за уште повеќе да се разбудиме. Можеби ни треба шамарот од Европската унија, можеби ни треба да се разочараме уште еднаш за да направиме многу повеќе од тоа што сме го направиле!“

„Можеби треба да ни се случи уште поголем потрес за уште повеќе да се разбудиме. Можеби ни треба шамарот од Европската унија, можеби ни треба да се разочараме уште еднаш за да направиме многу повеќе од тоа што сме го направиле!“

„Пред Шарената револуција бевме доста заспани, да не беа ВМРО и сите грозности што ги направија, можеби немаше да станеме критички настроени.“

Ужасно ја нервира тоа што ние како општество сме прилично пасивни, тоа што не критикуваме, не си ја извршуваме работата до крај, тоа што сме многу непрофесионални и зависиме од нашите семејства.

„Семејствата нѐ тераат да заземеме некои комотни позиции на молк, кои се всушност позиции на страв. Во семејството ти велат ‘ќути си и чекај, не мораш баш ти да се буниш’. Не верувам во тоа дека има некој друг, секој мора да си го направи своето. Во моментот кога го сфатив тоа, почнав да протестирам.“

https://prizma.mk/buzharovska-kako-opshtestvo-potrebni-ni-se-ushte-shamari

Пишував за безизлезноста како лично одредиште: Интервју со Румена Бужаровска

Со Румена разговаравме за опсесијата да се избега од Македонија, зависта и недостатокот на лична одговорност, како централни теми во нејзината нова збирка „Не одам никаде“. Ја искористивме можноста и да дознаеме повеќе за нејзиниот неодамнешен престој во САД, развојот на ПичПрич во 2018 и нормално, феминизмот. Разговорот го водеше Калиа Димитрова.

Неодамна излезе од печат твојата нова книга Не одам никаде во издание на Или Или. Реакциите на јавноста се одлични и многумина сметаат дека ова е твоето најуспешно дело досега, а фактот што за 18 дена се распродаде првиот тираж зборува сам по себе. Како се чувствуваш по изадавањето на твојата четврта збирка раскази?

Малку издишана, малку возбудена, малку исполнета, малку испразнета… во секој случај, чудно.

Забележувам дека се прават споредби помеѓу Мојот маж и Не одам никаде. Начинот на раскажување во двете книги е сличен, но тонот е различен. Мојот маж ме стимулираше да се потсмевам со ликовите, од друга страна пак, Не одам никаде, иако повторно се занимава со трагикомични ликови кои обично самите себеси се поставуваат во безизлезни ситуации, ми разбуди емпатија и понекогаш сожалување. Колку ликовите од Мојот маж и успехот на таа книга ти влијаеше во пишувањето на новата?

Еден од начините на кои се романтизира чинот на пишување е тврдењето дека писателот не смее да размислува на публиката и не смее да пишува за неа. Доколку беше така, писателите немаше да ги објавуваат своите дела. Во таа смисла, ќе кажам дека и те како рецепцијата на Мојот маж влијаеше врз тоа како ги напишав расказите во Не одам никаде. Во голема мера тука имаше врска и критиката. Благодарна сум и среќна што Мојот маж беше широко прифатена во просторите на поранешна Југославија, каде што имав можност да добијам повеќе критики за збирката. Меѓу тие критики имаше и некои кои не беа позитивни или хвалоспевни, како што се најчесто македонските (негативната критика за извесно дело кај нас е реткост. Ми текнува само на рецензијата на Илина Јакимовска кон Снеговите на Климентина Евин). Ги зедов тие мислења предвид кога ја пишував последната збирка, како и моите лични увиди кон слабостите на збирката, и се трудев истите да не ги повторувам во Не одам никаде. Свесно сакав на публиката да ѝ дадам нешто многу потемелно сработено од Мојот маж. Свесно се трудев квалитетот на расказите да не е под оние во Мојот маж. Не случајно соработував со Магдалена Хорват, која коренито ги расчитуваше и уредуваше расказите, посебно што се однесува до нивниот стил и јазик. Свесно вложив многу повеќе труд и напор во оваа збирка, чувствувајќи одговорност кон себе, кон публиката, а и кон македонската книжевност. Имаме голема одговорност кон нашата книжевна традиција, имајќи предвид дека е нова и дека ја градиме со секој испишан и објавен збор.

На многу наврати имаш зборувано за тоа дека „селењето“ и „бегањето“ не се решение на проблемите. Но, кога ја прочитав книгата добив впечаток дека насловот носи друго знаење, односно дека повеќе алудираш на состојба на безизлезност, учмаеност, одбивност кон промени…Кои ти беа главните мотиви да се определиш тематски во таа насока?

Верувам дека книжевноста треба да биде израз на времето и просторот во кои е создадена. Идеите и приказните низ историјата се повторуваат, но тоа што ги прави единствени е специфичноста на просторот и на времето во кои се создавани. Во претходните збирки се занимавав со состојбите на патријархатот и транзицијата отсликани во нарушените меѓучовечки односи. Во Не одам никаде ја начнав и темата на економската миграција, поврзана со чувството на инфериорност кон Западот или пак чувството на супериорност од страна на западните дојденци. Не можеме да избегаме од оваа тема – сеприсутна е во нашите животи. Луѓето во Македонија се опседнати со желбата да избегаат од овде. Миграцијата е природна; секако не ја осудувам желбата да се тргне по подобар живот. Но она што ми се чини длабоко расипано во нашето општество е стихијното непреземање на лична одговорност дури и таму каде што тоа е возможно, како вечното кукање дека „не нè бива“, дека местото е предодредено за пропаст, дека вината за нашиот неуспех секогаш лежи на друго место – оттаму и цитатот од песната „Градот“ на Кавафис на насловната страница од книгата. Несомнено, ваквата состојба на умот е поврзана со тешката социо-економска состојба во земјата, но во овие интимни приказни се осврнувам кон личната одговорност и кон безизлезноста како лично одредиште. „Не одам никаде“ е често употребувана, секојдневна фраза – стремев кон наслов што ѕвони и може да се чита на повеќе начини.

Сексот во расказите е доста реален, современ и понекогаш брутален. Дали ти беше предизвик да го постигнеш тоа на македонски јазик (особено земајќи предвид дека сексот е често пати романтизиран во македонската книжевност)?

Го брутализирам сексот или го прикажувам како гротеска бидејќи не сакам да западнам во сентиментализација или романтизација. Не само во македонската книжевност, туку и во светската, сексуалните сцени испаѓаат несмасни, лигави и на крајот на краиштата, смешни. Не случајно во англофонскиот свет се доделува годишна награда за најлоша еротска сцена во проза. Она што лично ми падна многу смешно уште како реакција на сексуалните сцени во Мојот маж беше скокотливоста со која често бев претставувана во јавноста како жена, писателка, која пишува за сексот. Тоа е далеку од вистината, дека тоа е темата на моите раскази, но нашето општество и тука се покажа многу назадно: писателка која ја третира сексуалноста во своите дела на многумина им беше табу.

Фотографија: Лилика Стрезоска

Една емоција која постојано се провлекува низ расказите е зависта, во сите нејзини можни форми. Тоа најмногу ми беше впечатливо во расказот „Капини“, но исто така во „Вазна“ „Осми март“ и други. Главните ликови во расказите постојано исмејуваат некои други ликови кои им се чинат попостигнати, поисполнети, побогати, софистицирани, а во исто време мечтаат да го живеат нивниот живот. Ми се чини дека зависта навистина е сеприсутна во наштето општество и се пренесува генерациски во некој вид омраза на сé што има или е другиот. Колку сметаш дека зависта оди рака под рака со конзервативноста?

Не бев свесна дека таа тема провејува низ расказите, но да, така е – се појавува и во претходната збирка. Тоа е таа фрустрираност и неможност да се излезе од сопствената корупка, па виновникот да се бара другаде. Конзервативноста е неотвореноста кон туѓите, но и личните светогледи; тоа е извесна духовна смрзнатост. Секако дека зависта оди рака под рака со неа, оти претпоставува омраза кон радоста и задоволството на другиот, без преиспитување, без вложен труд да се промени сопствената состојба.

Во однос на пренесувањето на ставови низ генерации би се осврнала на расказот „Чероки црвена“ во кој исмејувањето на „педерите со убава куќа“ и стравот од истите, е на некој начин единствено нешто кое го поврзува отуѓеното македонско семејство од маж, жена и син во Аризона. Се извинувам за ова многу генерално прашање. Можеби прашањето е премногу општо, но што мислиш, дали љубовта или омразата има поголема моќ во сплотување на луѓето?

Луѓето многу полесно се мобилизираат кога е во прашање омраза кон другиот, на пример во војна. Еве сега има и нови апликации кои ги спојуваат луѓето според тоа што мразат. За жал, ми се чини дека е полесно да се мрази.

Ова го прашувам и во контекст на твојот неодамнешен престој во САД. Имаше можност од прва рака да ги посведочиш историските настани кои се случија таму, (најмногу алудирам на сведочењето на Др. Форд и сега врховниот судија Кавано, но и на генералната тезнична политичка реалност во САД денес: растечката хомофобија, трансфобија и шовинизам. Ние будно следевме што се случува, но ме интересира каква беше атмосферата во САД? Во еден твој текст за Независен Весник напиша дека значително повеќе се зборува за политика сега отколку порано. Можеш ли да ни раскажеш нешто што ти остави впечаток од твојот престој таму?

Многу е тешко да се направи генерализација за тоа како стојат работите во САД со оглед на тоа што се работи за огромна држава со различни регионални идентитети. Но доколку се обидам да зборувам за општиот впечаток во трите месеци минати таму, во време кога Кавано беше избран за врховен судија и во екот на предизборната кампања, би рекла дека забележав огромна напнатост и поларизираност, слична на таа што владееше тука пред да падне власта на ВМРО-ДПМНЕ. Низ разговор со повеќе луѓе увидов голем страв од растечката омраза и шовинизам, но и поголема отвореност и подготвеност да се зборува и делува на политичко поле. Ги забележав истите стратегии кои се користеа тука – сеење страв преку теории на заговор (Сорос), скандалозно необјективни медиумски известувања, релативизирање и дефокусирање. И медиумската предизборна кампања беше валкана и наликуваше на нашите во недоличноста: меѓусебно обвинување и оцрнување како основен критериум за гласање. Мислев дека Американците имаат поголема политичка култура, но со доаѓањето на власт на Трамп се чини дека работите излегоа од контрола.

Не одам никаде е пишувана во Македонија, САД и Хрватска. На кој начин патувањата и лични искуства со живеење надвор од Македонија им влијаат на твоите приказни? Дали си од тие автори кои пред да почнат да пишуваат го знаат крајот на приказните или дозволуваш ликовите да си ја пишуваат приказната?

Патувањата ми носат повеќе приказни и повеќе искуства. Често овие патувања се во рамки на писателски престои, кои освен искуствата и новите перспективи, носат и изолација која е многу потребна за процесот на пишување. Престојот во Ајова беше посебен затоа што бев опкружена со 27 писатели од 26 различни земји – секако многу разговаравме за пишувањето, што овозможува и преиспитување. Што се однесува до моите приказни: долго време ги смислувам, обмислувам, градам, структуирам, скицирам. Кога ми е јасно каде точно оди приказната и како завршува, седнувам да го напишам расказот. Тоа не значи дека ликовите и дејствијата не скршнуваат во за мене непредвидени насоки. Многу често во пракса замисленото не излегува така како што сум посакувала, некогаш и од технички причини. Па така приказните сепак се менуваат додека ги пишувам. Истото важи и за ликовите. Во вториот „Осми март“, на пример, тргнав со идеја дека протагонистката Весна е гротескен лик со кој не треба да емпатизираме. Но како што внесував детали во нејзиното однесување, ми стануваше сè посимпатична, па и расказот го сменив за на крај сепак од неа да направам каков-таков победник.

Фотографија: Лилика Стрезоска

Ти си една од основоположничките на иницијативата „ПичПрич“ односно вечери на раскажување на женски приказни. Во 2018 ПичПрич имаше дури 4 настани. Претпоставувам дека си задоволна од развојот на ПичПрич особено земајќи предвид дека интересот е огромен, а салите секогаш се полни. Што би издвоила од сите овие настани, на што си особено горда како постигнување на оваа иницијатива?

Многу се радувам со ПичПрич и горда сум што толку многу жени излегоа да зборуваат за своите искуства, со што ги нормализираат и детабуизираат женските приказни. Горда сум на тоа што има толку голем интерес во јавноста, што публиката покажа една огромна отвореност кон поставувањето на прашањата за женскоста во едно традиционално, патријархално општество. Уште нешто што мислам дека е многу битно за ПичПрич, а кое го занемаруваме, е значењето на „неуспешните“ настапи, или приказните кои не предизвикале голем интерес во јавноста. Како девојчиња, општеството нè воспитува да молчиме и да не преземаме ризици за да не згрешиме, плашејќи нè со јавното посрамотување, недозволено за нас. Од тој аспект, многу помалку грешиме и доживуваме неуспех јавно, со кој потоа треба да се бориме. Од ваквите предизвици многу учиме – мислам дека ПичПрич постави токму такви предизвици и дека од нив понатаму се разви дебата која покажа дека имаме капацитет да отвориме уште повеќе теми.

Она што го посведочивме на ПичПрич Слемот, во јуни во МСУ е дека наспроти верувањето дека на жените им е незгодно да раскажуваат приказни во јавност, одзивот беше многу голем, а приказните брутално искрени. Кој е тајниот рецепт на ПичПрич кој успева да поттикне толку жени да зборуваат за своите искуства во јавност? Дали планирате уште некој слем во иднина?

ПичПрич функционира по принцип на солидарност, емпатија и инклузивност. Жените кои раскажуваат се чувствуваат безбедно, но и моќно бидејќи имаат можност да ги охрабрат и другите да ги споделат своите искуства и приказни. Слемот го покажа тоа. Секако планираме уште еден слем – во мај, и се надеваме дека и ова ќе прерасне во традиција.

За крај,  што би го издвоила од 2018 како значителен прогрес во полето на феминизмот и женските права, лично, локално или глобално?

Глобално, #МеТоо, заедно со движењата за легален и безбеден пристап кон абортус низ светот. Локално, #СегаКажувам. Личните исповеди на огромниот број жени што се приклучија кон ова движење болно ги изведе на виделина сите проблеми што долго време сме ги буткале под тепих, создаде голема свесност за епидемијата на сексуалното вознемирување и малтретирање, како и простор за понатамошно делување. #СегаКажувам беше освестување кое на сите ни беше потребно: кој каде стои и колку е спремен да се бори за принципи, да слушне, да верува, да ги прифати приказните што толку масовно се споделуваа. Повеќето „борци“, мои пријатели со кои до скоро време протестиравме на улица не ни пружија поддршка, или го направија тоа кога сфатија дека им е безбедно да застанат до озлогласените феминистки. Шовинизмот кај многумина што ги сметав за прогресивни ми удри една освестувачка шлаканица. Се уверив и видов дека сексизмот е најприфатена и најприфатлива форма на дискриминација, и дека борбата против него создава огромен, дефинирачки и дефинитивен јаз – како што сега се случува и во САД. Конечно, на лично ниво, како писателка и јавна личност, забележав дека изгубив значаен дел од публиката поради мојата вклученост во движењето, но и стекнав нова, вистинска.


Интервју со Калиа Димитрова, Медуза, 4.01.2019

https://meduza.mk/culture/pishuvav-za-lichnata-odgovornost-i-bezizleznosta-kako-lichno-odredishte-interv%D1%98u-so-rumena-buzharovska/